Зошто затајуваат бубрезите и што се случува? 

Постојат многу причини за намалување на вашата бубрежна функција, две од најчестите причини се дијабетот и високиот крвен притисок – подолу се дадени деталите.  

Ако имате бубрежна слабост (што се дефинира со намалување на нивната функција на 15% или помалку) ќе создавате помалку или воопшто нема да создавате урина и отпадните продукти нема ефикасно да се отстрануваат од вашето тело. Овие отпадни продукти и вишокот на вода се задржуваат во крвотокот (уремија) . Може да забележите дека имате отоци на дланките и на стапалата (едем) и отежнато дишење. Вашиот крвен притисок може да се покачи. Може да не создавате доволно црвени крвни зрнца. Може да чувствувате замор, мачнина и да немате апетит.

Ако имате бубрежна слабост, неопходно е лекување со дијализа или со трансплантација. Доколку не се дијагностицира и не се лекува, бубрежната болест може да предизвика напади (грчеви), може да доведе до кома (губење на свеста) и крајно, може да предизвика смрт. 
 
Дијабет 
Постојат две главни форми на Дијабет од различна етиологија, но и двата можат да доведат до бубрежна слабост. Кај Дијабетес тип 1, вашето тело не произведува доволно инсулин за да го контролира шеќерот во крвта. Кај Дијабетес тип 2, инсулинот што се произведува не може ефективно да се искористи во телото. Неконтролираниот дијабет овозможува задржување на шеќер во вашата крв со што се оштетуваат крвните садови во бубрезите и се намалува нивната ефикасност. Многу луѓе со дијабет развиваат висок крвен притисок што исто така може да предизвика оштетување на бубрезите. Иако лекувањето на дијабетот е подобрено, многу луѓе со дијабет и понатаму добиваат бубрежна слабост. 

Висок крвен притисок/хипертензија 
Високиот крвен притисок се јавува кога притисокот на крвта врз ѕидовите на вашите крвни садови се зголемува над нормалниот. Тоа може да доведе до оштетување на малите крвни садови во вашите бубрези и да ги спречи правилно да филтрираат. Причините за високиот крвен притисок не се секогаш познати, но често се поврзани со други здравствени состојби, лоша исхрана, нездрав начин на живот како што е недоволно вежбање и зголемената телесна тежина.

Воспаление на бубрезите (гломерулонефрит) 
Бубрежната болест е доста честа ако бубрежните единки за филтрирање, нефроните, се воспалат. Тоа може да предизвика помало производство на урина, појава на крв и протеини во вашата урина, појава на оток на дланките и стапалата.

Други причини на бубрежна слабост  
Полицистичната болест на бубрезите е наследена состојба при која се формираат големи цисти во бубрезите што предизвикува нивна слабост.  
 
Сѐ што спречува урината да се исфрли надвор од вашето тело може да предизвика враќање на урината кон вашите бубрези и да ги оштети. Овие опструкции можат да бидат предизвикани од стеснување на мочниот канал што често се развива пред раѓањето, од камења во бубрезите, тумори или зголемена простата кај мажите. Честите уринарни инфекции истотака може да предизвикаат бубрежна слабост.

Непознати причини 
Кај околу 20 проценти од сите луѓе што имаат потреба од дијализа, причината за бубрежната слабост никогаш не е откриена. Често, овие пациенти за прв пат доаѓаат на лекување кога нивната бубрежна слабост е далеку напредната и тешко е да се утврди причината за нивната болест. 

Лекување на вашата бубрежна слабост 
Најчест начин на лекување што им се нуди на пациентите во Диаверум е дијализата. За да ви помогнеме да се ублажи разбирливата вознемиреност , која може да ја имате поради овој третман кој ќе ве одржува во животот, ние ви помагаме однапред да се подготвите,се со цел да сме сигурни дека сте физички, ментално и емоционално спремни.

Вашиот медицински тим ќе ви ги објасни различните видови дијализа и различните опции и ќе ви помогне да донесете одлука што е во согласност со вашите лични и медицински потреби. Често подготовките за дијализа и за евентуална трансплантација на бубрег се истовремени.