Вашиот секојдневен живот и некои вообичаени прашања 

Не можете да ја смените вашата дијагноза, но има многу работи што можете да ги направите да се прилагодите на вашето лекување и да живеете колку што е можно понормално. За време на ова патување, можеби ќе ви биде корисно да зборувате за тоа како се чувствувате и за какви било несигурности или стравови. Вашиот медицински тим во Диаверум може да игра важна улога и да ви помогне во прилагодувањето на дијализата и можниот план за трансплантација на бубрег.  
 
Целта на вашето лекување е да можете да живеете што е можно понормално и на дијализата да гледате како на неопходна непријатност, но да не дозволите да владее со вашиот живот. Но, знаеме и дека може да биде тешко да се прифатат неизбежните промени на животот што доаѓаат со ХББ и дека може да ви биде тешко да разговарате за вашите чувства. Но, не обидувајте се да ги држите работите во себе.  

 

Нашиот медицински персонал е многу искусен и има многу малку ситуации што претходно не ги виделе. Вашите грижи можете да ги споделите со член на вашиот медицински тим во центарот бидејќи со повеќе информации работите ќе станат поразбирливи. Можни се и мали промени на вашето лекување со кои може да се сменат вашето искуство и вашите перспективи. 

 

Вообичаени проблеми со кои се соочуваат пациентите на дијализа  
 
Вознемиреност: Ова може да има значително влијание врз вашиот секојдневен живот. Може да се чувствувате вознемирени околу доаѓањето на дијализа, околу неможноста да ја предвидите иднината и околу губењето на контролата. Физичките симптоми може да опфатат срцебиење во текот на лекувањето со дијализа. 
 
Тешкотии со спиењето: Можат да бидат предизвикани од повеќе причини, најчеста е вознемиреноста. Може да биде и резултат на лошите навики околу времето за легнување и нездравиот начин на живот како што е невежбањето. 

 
Депресија: Може да биде доста сериозна и да влијае врз вашиот живот на многу различни начини. Опфаќа група симптоми вклучувајќи постојано лошо расположение, немање интерес за активности, промени во навиките за спиење и на апетитот, недостаток на концентрација и замор. 
 
Проблеми поврзани со сексот: Многу пациенти на дијализа доживуваат намален нагон за секс. Тоа може да биде физичка несакана последица на бубрежната слабост или може да биде поврзано со промените на вашето тело, со депресијата и вознемиреноста.  

Не двоумете се да разговарате со нас за прашања како овие или за други проблеми што може да ги имате – секогаш ќе сакаме да ви помогнеме. Како прв чекор што ќе помогне за оптимизација на вашето здравје во текот на дијализата, подолу нудиме совети за: она што треба да јадете, што треба да пиете, вашите лекови, водењето на активен живот и разговарањето и барањето поддршка од други.  

 

Што треба да јадете 

Нема ниту еден режим на исхрана што во секое време е најдобар за сите пациенти со ХББ и ве охрабруваме да побарате совети од вашиот медицински тим. Може да се чувствувате уморни и да имате намален апетит, но важно е да продолжите да јадете вистински оброци и генерално да имате здрав начин на исхрана. Нема конкретни совети во однос на одредени видови храна:  

Протеините ви помагаат во одржувањето на мускулите и обновувањето на ткивата. Важно е да јадете високо квалитетни протеини што можат да се најдат во месото, рибата и живината. Добрата исхрана ќе ви помогне да останете генерално здрави и да се борите со инфекциите.  

Фосфорот е минерал што се наоѓа во многу видови на храна и кога сте на дијализа треба да внимавате да не внесувате премногу од него. Храната како млекото и сирењето, мешунките, семките од сончоглед, лененото семе, кола пијалаците, јаткастите плодови и путерот од кикирики содржи многу фосфор. Ако нивото на фосфор во крвта ви е премногу високо, тоа може да предизвика таложење на калциум во ткивата и органите, процес наречен калцификација. Фосфорот може да ви предизвика чешање на кожата и може да влијае врз вашите крвни садови. 

Некои пациенти на дијализа треба да земаат лек наречен врзувач на фосфати за да се спречи фосфатите од храната да стигнат во крвта. 

Калиумот е минерал што може да се најде скоро во секоја храна, особено во некои овошја и зеленчуци. Здравите бубрези го одржуваат соодветното ниво на калиум во крвта, но тоа може да не се случува кај луѓе со ХББ: нивото на калиум во крвта може да варира и може да се зголеми помеѓу дијализните сесии. Високото ниво на калиум може да влијае врз вашиот срцев ритам и многу е важно да се следат советите што ви се даваат за тоа како најдобро да го контролирате внесот на калиум. Храната што содржи многу калиум вклучува: кајсии, банани, суво овошје, овошни сокови, дињи,  јаткасти плодови, сок од суви сливи, суво грозје, доматен сок и сос, артичоки, авокада, мешункасти плодови, сок од моркови, печени компири, чоколадо, мед, млеко, чипс од компири, леќа и спанаќ.  

Натриумот (солта) природно се наоѓа во повеќето видови на храна и исто така се користи за подобрување на вкусот. Премногу сол во вашата исхрана ве прави жедни и води кон задржување на течности. Поради тоа е важно да се внимава на нивото на солта што се внесува. 

  

 

Што треба да пиете 

 

Ако сте на дијализа многу е важно да контролирате колку пиете, особено ако не создавате урина. Пациентите на хемодијализа обично мора повеќе да внимаваат на внесот на течности отколку пациентите на перитонеална дијализа.  

Контролирајте ја вашата жед 

Најдобар начин за намалување на вашиот внес на течности е да ја намалите жедта и тоа делумно можете да го направите со контролирање на тоа колку сол внесувате со вашата исхрана. Пациентите на дијализа треба да се стремат да јадат половина од солта во однос на другите луѓе. 

Повеќето конзервирани храни и готови и замрзнати оброци содржат големо количество сол, како и грицките. Обидете се да ги избегнувате или изберете производи со ниско ниво на натриум и не додавајте сол на храната кога ја готвите или ја јадете.  

Контролирајте го внесот на течности 

Секоја храна што е течна на собна температура содржи вода и јадењето на таква храна го зголемува вашиот внес на течности. Ваквата храна вклучува супа, млеко, јогурт, желе и сладолед. И многу овошја и зеленчуци содржат многу вода, особено дињите, лубениците, грозјето, јаболката, портокалите, доматите, зелената салата и целерот. Освен ограничувањето на внесот на оваа храна, нивото на внес на течности можете да го намалите преку пиење од помали шолји или чаши.  

Контролирање на нивото на течности кога сте на дијализа 

Помеѓу сесиите на хемодијализа може да се задржуваат течности во вашето тело предизвикувајќи отоци и зголемување на тежината. Вишокот на течности влијае врз вашиот крвен притисок и може да му ја отежни работата на вашето срце. Треба да се стремите кон максимум 4% зголемување на тежината помеѓу третманите во однос на вашата препишана „сува тежина“ (видете го следниот пасус). 

Вашата сува тежина е вашата телесна тежина без вишокот на течности. Обично тоа е најниската толерирана тежина без развивање на низок крвен притисок. Со вашата прескрипција за дијализа ќе се дефинира нивото на течности што треба да се отстрани во текот на третманот за да се достигне вашата проценета сува тежина. Обично, пропишаната сува тежина е нешто пониска од тежината на здраво лице без вишокот течности. 

Ако помеѓу дијализните сесии се собере премногу течност (бидејќи пиете премногу течности или јадете премногу храна со висока содржина на вода), потешко е дијализната сесија да ви овозможи да ја достигнете вашата пропишана сува тежина. Со тоа се зголемува ризикот од несаканите ефекти од дијализата како што се нискиот крвен притисок или грчевите. Вашата сува тежина може да се менува со текот на времето ако се промени вашата телесна тежина (слабеење или дебелеење). 

Контролирање на вашето ниво на течности кога сте на перитонеална дијализа  
Внесот на течности не е толку ограничен кај пациентите што се на перитонеална дијализа како кај пациентите на хемодијализа, но сепак е важно да се следат знаците на задржување на течности како што се отоците или добивањето на тежина. 

Контролирање на внесот на лекови 

Многу од лековите што ви се потребни кога ќе почнете со дијализа се истите што сте ги земале пред да почнете со третманот. Некои лекови ќе треба да се прилагодат и ќе биде потребен медицински надзор. Најчести лекови што ги земаат пациентите на дијализа се: 

 

 
Еритропоетин стимулирачки агенси 
Вашите бубрези се главен извор на хормонот наречен еритропоетин (ЕПО) што го стимулира производството на црвени крвни зрнца. Кај ХББ може да се намали нивото на овој хормон и тоа може да предизвика помало производство на црвени крвни зрнца што води кон анемија. Еритропоетин стимулирачките лекови што го стимулираат производството на црвени крвни зрнца може да се даваат интравенозно. 

Железо 
Железото е потребно за производство на црвени крвни зрнца и на хемоглобинот што го носи кислородот низ вашето тело. Може да имате потреба од суплементи на железо што ќе ви бидат дадени интравенозно.  

Витамин Д 
Витаминот Д делумно се активира во бубрезите и неговото производство може да се намали во услови на ХББ. Ви треба витамин Д за да ви помогне да се апсорбира калциумот од вашата исхрана, за здрави коски. Недостигот на активен витамин Д може да предизвика болести на коските што предизвикуваат болка и слабост на коските. Активен витамин Д може да се дава орално или интравенозно. 

Врзувачи на фосфати 
Фосфатите доаѓаат од храната и обично се исфрлаат преку бубрезите. Кај ХББ фосфатите може да се задржуваат во телото бидејќи вашите бубрези не можат да се ослободат од нив како нормалните. Премногу фосфати може да предизвикаат формирање на коскени депозити во вашите ткива и да предизвикаат задржување на калциум во вашите крвни садови. Врзувачите на фосфати кога се земаат со секој оброк го намалуваат апсорбирањето на фосфатите во цревата и го намалуваат нивото на фосфати во вашата крв. 

Лекови за контролирање на крвниот притисок  
Бидејќи вашите бубрези се вклучени во контролирањето на крвниот притисок, пациентите со ХББ често имаат потреба од лекови за контролирање на притисокот. Високиот крвен притисок е ризик фактор за срцева болест и бара внимателна контрола. Добрата вест е дека откако ќе почне дијализата овие лекови може повеќе да не бидат потребни во дози што претходно биле користени или може воопшто да не треба да се земаат. 

Антикоагуланси 
Ако сте на хемодијализа, на почетокот и во текот на секој третман ќе ви бидат давани антикоагуланси за да се избегне згрутчување на крвта во крвните линии и дијализерот. 

Други лекови  
Луѓето на дијализа може покрај ХББ да имаат и други состојби за кои се потребни лекови. Тие вклучуваат лекови за срцеви болести, за дијабетес мелитус, за хиперлипидемија (ненормално високо ниво на липиди, особено холестерол), за депресија, за сексуална дисфункција или за болка.  

 

Водење на активен живот 

Како и кај многу други здравствени состојби, имањето позитивен став може да направи навистина голема разлика во тоа како се чувствувате и да ви помогне да одржите добар квалитет на животот. Вашиот клинички тим во Диаверум ќе направи сѐ што може да ви помогне да имате што е можно подобар живот.  

 

Продолжување со работа или учење  
Почнувањето со дијализа не значи дека ќе треба да прекинете да работите, освен ако немате екстремно тешка работа и ќе можете да продолжите со учење или со студирање. Продолжувањето со активностите ќе биде добредојдено одвлекување на вниманието. Повеќето работодавачи имаат разбирање и ќе ги направат сите потребни прилагодувања за да можете да продолжите со работа.  

Одржување на формата 
Секогаш треба да побарате совет од вашиот лекар пред да изберете конкретен вид на физичка активност, но генерално правило е да вежбате колку што можете повеќе без да си го нарушите комфорот. Со тоа се подобруваат вашето здравје и добросостојба.  

Продолжување со возење 
Повеќето пациенти на дијализа можат и понатаму да возат, но треба да се консултирате со вашиот лекар. Во првите два месеци од хемодијализата се препорачува да не возите веднаш по третманот. Ако сте професионален возач, на пример на камион, такси, воз или автобус треба да разговарате со вашиот лекар дали можете да продолжите како и претходно. 

Не пушете 
Пушењето е опасно за секого и претставува дополнителен здравствен ризик што мора да се обидете да го избегнете ако сте на дијализа. Ако размислувате за трансплантација на бубрег уште поважно е да не пушите бидејќи пушењето ги оштетува вашите крвни садови и може да влијае врз доброто функционирање на пресадениот бубрег. 

Малку алкохол… 

…е дозволен сѐ додека е во согласност со вкупниот внес на течности и со начинот на исхрана. Побарајте совет од вашиот медицински тим. 

Одење на одмор 
Секој треба да може да ужива во одморот и ние помагаме тоа за вас да биде возможно. Разговарајте со вашиот клинички тим и побарајте совет околу организирањето на вашиот одмор, на најдобар можен начин. Тие можат да ви предложат каде да одите и како да се грижите за вашата дијализа додека сте на пат. Со повеќе од 400 клиники на Диаверум низ целиот свет, нашата програма „ d.HOLIDAY“ ви помага да патувате безбедно знаејќи дека ќе добиете стручна нега додека не сте дома.  

Разговарање со другите за вашата состојба 
Секој различно реагира на својата состојба, како физички така и ментално, но може да се чувствувате вознемирено, стресно или луто и огорчено за она што ви се случило и за вашето лекување. Навистина е важно да најдете луѓе со кои можете да разговарате.  

Тимот во вашиот центар 
Лекарите и сестрите во вашиот центар секогаш се тука да ви помогнат. Поставувајте прашања и разговарајте со нив за вашите чувства и проблеми. Споделете ги вашите грижи. Често пати само малку повеќе информации може да помогнат работите да дојдат на место и да ви го олеснат справувањето со нив. Може да ви биде од помош и да разговарате со други пациенти на дијализа бидејќи тие имаат искуства од прва рака за она низ што поминувате. Немојте да ги криете вашите чувства, околу вас има многу луѓе што сакаат да ве сослушаат и да ви помогнат. Вклучувајќи ги нив, ќе почнете да ја чувствувате поддршката што ви е потребна. 

Бидете отворени за вашата состојба 
Понекогаш може да ви биде тешко да зборувате за она низ што минувате, дури и/или особено со оние што ви се најблиски. Но, обидувајте се и понатаму. Може да ви помогне да го охрабрите  вашето семејство или блиски пријатели повеќе да научат за ХББ и за вашето лекување за да можат полесно да разговараат со вас за вашата состојба. Секој ќе има добивка од тоа. Последиците од ХББ не ги чувствува само пациентот, ако тој е отворен со семејството, роднините, пријателите и колегите, тоа може да ги олесни работите за сите. Знаењето, разбирањето и охрабрувањето се основни елементи што ќе ви помогнат најдобро да се справите со својата ситуација.