Првиот чекор во хемодијализата е релативно едноставна хируршка интервенција за формирање на пристап од вашите крвни садови.

 

Формирањето на васкуларниот пристап се прави најчесто еднаш, васкуларниот пристап останува на местото на создавање и обично оваа интервенција се прави неколку седмици пред вашата прва дијализа. Васкуларниот пристапот се создава на еден од следните три начини: со артериовенска фистула (АВФ), каде се прави директно спојување помеѓу артерија и вена создавајќи доволно јак и издржлив крвен сад што ќе го издржи редовното поставување и отстранување на игли; со графт, каде индиректно се прави слично такво спојување со помош на тенко пластично цевче/црево; со катетер во форма на буквата У, каде тенка пластична цевка се вметнува директно во поголема вена. Ако имате фистула или графт, на почетокот на секој ХД третман во васкуларниот пристап директно се ставаат две игли, една преку која крвта тече кон машината за дијализа и друга преку која се враќа крвта од машината во вашето тело.  

Стерилните пластични црева (крвни линии) ја носат вашата крв во машината за дијализа. Најважниот дел од оваа машина е дијализерот. Дијализерот всушност претставува серија на тенки, полупропусливи мембрани кои делуваат како бариера помеѓу вашата крв и течноста за дијализа. Овие мембрани овозможуваат супстанциите да излегуваат и да влегуваат во вашата крв и на тој начин отпадните продукти и вишокот вода се отстрануваат од вашето тело, а може да се даваат и лекови. Дијализното коло ја носи крвта со брзина од 200-300 ml/min, со проток од >350ml/min. Комплетната дијализна сесија вообичаено трае 4-5 часа и се повторува барем 3 пати неделно.

Најдобро е за време на третманот со дијализа да се релаксирате со читање, спиење, работа, гледање телевизија итн. Медицинските сестри ќе ве следат многу внимателно за време на вашата дијализа и ќе се погрижат машината да работи правилно. 

Дијализата не би требало да биде болна, но по завршување на третманот често може да се чувствувате уморни, тоа е несакан ефект и може да се ублажи со прилагодување на вашиот начин на исхрана и редовно вежбање. Може да чувствувате мачнина, вртоглавица или да имате мускулни грчеви во текот на дијализата и секогаш можете да побарате помош од вашиот медицински тим. 

 

Домашна хемодијализа

Во некои земји, Диаверум нуди хемодијализа што може да ја правите дома. Ќе ви обезбедиме посебна машина за дијализа што ја прочистува вашата домашна вода за да биде соодветна за дијализа и сите потребни материјали што ви требаат ќе ви бидат доставувани до вашиот дом еднаш или два пати месечно. Низ серија сесии во центарот за дијализа, ќе бидете научени како да ја користите машината, обично во текот на 8 до 12 седмици. На овие сесии можете да донесете и помошник што ќе може дома да ви пружи поддршка.  

Во текот на обуката ќе научите да: 

  • Ги подготвите опремата и материјалите 
  • Ги ставите иглите во васкуларниот пристап (фистула или графт) 
  • Дадете лек 
  • Ја следите машината 
  • Го контролирате вашиот крвен притисок и пулс 
  • Водите евиденција за третманите 
  • Ја исчистите опремата и собата каде ја вршите дијализата 
  • Нарачувате материјали 

Предности на домашната хемодијализа 

Домашната хемодијализа може да го направи вашиот живот пофлексибилен бидејќи можете сами да си го правите распоредот согласно со вашите други активности како што е работата или грижата за член на семејството. Можете да изберете и да правите дијализа почесто отколку кога мора да одите во центарот за дијализа, што може да значи:   

  • дека ќе се чувствувате подобро и ќе имате подобра контрола на крвниот притисок 
  • дека ќе имате помали ограничувања на режимот на исхрана и на внесувањето течности 
  • дека ќе заштедите време за патување до и назад од центарот за дијализа – обично ќе ве прегледаат еднаш месечно 

Недостатоци на домашната хемодијализа 

  • Ќе ви треба простор каде што може да се постави машината 
  • Ќе ви треба простор за да ги складирате сите материјали што ќе ви требаат за третманите 

Самостојна и делумно самостојна хемодијализа 

Покрај хемодијализата во центарот за дијализа или дома, ги поддржуваме и пациентите што сакаат некое средно решение помеѓу овие две.  

Кај самостојната или делумно самостојната хемодијализа може да научите сами да извршувате дел од активностите за вашиот дијализен третман во центарот за дијализа. Со нашите вработени ќе се договорите за план за обука и потоа постепено ќе учите одредени вештини. Од вас зависи колкав дел од процесот ќе сакате да научите и пристапот ќе биде редовно разгледуван заедно со вас.  

Задачи што можете да ги научите во текот на обуката за самостојна или делумно самостојна дијализа се: 

  • подготовка на опремата и материјалите 
  • ставање на иглите во васкуларниот пристап 
  • давање лекови 
  • следење на машината за дијализа 
  • контролирање на крвниот притисок и на пулсот 
  • водење на евиденција за третманите 

 
Придобивки од самостојната или делумно самостојната дијализа се: 

  • поголема контрола врз вашиот третман и поголема независност 
  • поголемо разбирање и подобро справување со ХББ 
  • поголема флексибилност на распоредите на дијализата и заштеда на време 

Поврзани содржини

Трансплантација на бубрег
Трансплантацијата на бубрег е хируршко решение за лекување кога ќе се појави бубрежно оштетување
Перитонеална дијализа (ПД)
Перитонеалната дијализа е терапија за замена на работата на бубрезите што се случува внатре во вашето тело без никаква манипулација со крв
d.HOLIDAY
Овозможување пациентите да живеат исполнет живот